Руската православна црква изминативе години купила низа недвижности на норвешкото крајбрежје, а голем дел од нив се во непосредна близина на норвешки воени бази, пишува весникот „Дагбладет“.
Белградска „Политика“ која го пренесува текстот на „Дагбладет“, додава дека оваа информација за норвешката јавност долша како „гром од ведро небо“. Особено затоа што неодамна норвешките власти уапсија бразилски научник, осомничен дека е руски шпион, но и по приведувањето на неколку руски граѓани кои управувале со беспилотни летала во близина на норвешки воени инсталации.
Еден од уапсените е и Андреј Јакуњин, син на тајкунот Владимир Јакуњин, кој западот го смета за близок на рускиот претседател Владимир Путин. Помладиот Јакуњин, кој поседува и британски пасош, бил ослободен од притвор, но, претходно признал дека неговиот дрон го надлетувал стратешки важниот архипелаг Свалбард во Арктичкиот круг и на речиси 2.000 километри северно од Норвешка.
„Дагбладет“ истражувањето го започнале откако руската православна црква купила мал верски објект во населбата Шери, во Берген. Овој додаток во портфолиото на недвижности на Московската патријаршија, ќе поминеше незабележано ако од таа мала црквичка во Шери не се гледаше најголемата норвешка поморска база Хааконсверн.

„Погледот е непријатно добар“, признал еден безбедносен експерт кој го контактирале норвешките новинари.
Но, освен во Берген, Московската патријаршија поседува имоти и во градовите Клеп, Брунет, Кармој и Ставангер, сите во провинцијата Рогаланд на западниот брег на Норвешка. Во Ставангер се наоѓа и Здружениот воен центар на НАТО во Јата.
Алфа Сефланд Винге, која за Поморската академија ја испитува состојбата на социјално критичната инфраструктура, вели дека тоа што поединци и организации поврзани со Русија, поседуваат имоти во непосредна близина на воени бази, би можело да претставува проблем, но не сака ниту да шпекулира.
Постои можност намената на овие објекти да не биде само религиозна, но не можам да кажам што точно се случува таму, изјави Винге за „Дагбладет“.
Но, додава дека има многу начини на кои објектите и имотите како молитвената куќа кај Хааконсверн, можат да бидат искористени.
Кога ќе размислите, постои цел спектар на можности. Можете да попречувате сигнал, потоа можете да прислушувате сигнал, можете да управувате со беспилотни летала од таму, можете да сместите луѓе кои ќе ја мапираат целата област. Постои цел спектар на надгледувачки активности и можни попречувања, што би можеле да се спроведуваат од таква база, вели таа.
Пал Калсто, експерт за Русија на Унивезитетот во Осло, вели дека црквата заедно со нејзиниот моќен патријарх Кирил, е близок сојузник на Путин и Кремљ. Вели дека иако во минатото знаеле да се разидуваат за одредени теми, сепак, за војната во Украина, Кирил стои рамо до рамо со Путин.
Рускиот православен патријарх и епископот од Мурманск го поддржуваат Путин и јавно застанаа во одбрана на војната, со прилично вознемирувачки изјави. Јасно е дека црквата во Берген е потчинета на Московската патријаршија, смета Калсто.
Но, отецот Дмитро Останин, кој служи во црквата во Шери, го негира тоа.
Нема апсолутни никаква опасност од нашата црква. Пред се затоа што јас самиот сум Украинец. И јас ја проколнувам оваа војна, која Русија ја започна против мојата татковина. Родителите на мојата сопруга се бегалци во Норвешка. Моите роднини и роднините на мојата сопруга се уште се соочуваат со куршумите, со бомбите, вели отец Дмитро.
Поради таквиот негов став за војната, отец Дмитро тврди дека многумина од неговите верници заминуваат на богослужби во други православни цркви во Берген.
Тоа што патријархот Кирил го подржува овој ужас, за среќа, тоа не се однесува на секој што ја проповеда православната вера, категоричен е отец Дмитро.











