Екипите во Шпанија сѐ уште се на терен и во потрага по исчезнатите тела во невидената бура која ја погоди земјата и која само во регионот Валенсија одзеде 217 животи. Шпанската цивилна гарда ги прегледува подземните паркинзи, а многу доброволци, војници и полицајци продолжуваат со напорите во пронаоѓање на исчезнати лица.
Досега според властите во земјата во пребарувањето на подземните објекти се откриени неколку безживотни тела. Поројните поплави предизвикани од обилните дождови во источна Шпанија однесоа речиси сè што им беше на патот. Без време за реакција, луѓето останаа заробени во возила, домови и деловни објекти.
Во Паипорта загинаа над 60 луѓе, а преживеаните ги загубија своите домови и сè уште немаат вода за пиење. И по речиси седум дена откако поплавите ги погодија предградијата на Валенсија, властите се уште немаат официјалните податоци за бројот на исчезнати лица.
Меѓу исчезнатите е ѝ татко на 27 годишната Марија кој се упатил во подземната гаража за да го заштити неговиот мотор.
„Како и повеќето луѓе во градот, кои слегоа во нивните гаражи за да ги однесат своите автомобили или мотори на безбедно. Во негов случај, тоа беше неговиот мотор. Силната поплава го фатила надвор, а на крајот морал да се качи на дрво за да се спаси. Ни се јави да ни каже дека е добро. Дека не треба да се грижиме. Дека бил на дрво и е добро. Тој се задржа таму до еден по полноќ. До два часот по полноќ излегов надвор со соседот со помош на јаже за да се обидам да го лоцирам. Но, не можевме да го најдеме. И до сега не знаеме ништо за него“ изјави Марија, жителка на Валенсија.
Невремето во Шпанија не ја поштеди ниту Барселона, населението стравува да не се повтори трагедијата од Валенсија. Во моментов аеродромот Ел Прат е потопен под вода, а патиштата се блокирани. Метеоролошката служба издаде црвен аларм за обилни врнежи од дожд.
Шпанија е навикната на есенски бури кои можат да доведат до поплави, но досега овие поплави одзедоа најмногу човечки животи кои се паметат во досегашната историја. Патиштата се уште се во прекин, а затворен е дел од возниот и авиосообраќајот.
Tea Димковска











