Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

САД ги ублажија санкциите за руска нафта заради војната во Иран

/

пред 207 дена

Сподели преку :

Соединетите Американски Држави ги ублажија санкциите за набавка на руска нафта и нафтени производи што веќе се натоварени на бродови на море, во обид да се намалат глобалните економски последици од нафтената криза предизвикана од американско-израелската војна против Иран. Администрацијата на Трамп тврди дека привременото 30-дневно ослободување од санкции „нема да обезбеди значителна финансиска корист за руската влада“, која соопшти дека во моментов има околу 100 милиони барели нафта во транзит.

Според Кремљ, американската одлука е обид за стабилизација на енергетските пазари, но сојузниците на САД не се воодушевени од одлуката на Трамп. 

„Како прво, во текот на состанокот на шефовите на држави и влади од Г7, разговаравме за прашањето на снабдување со руска нафта и гас со претседателот на САД. Шест членки на Г7 изразија јасен став дека со ова не се испраќа вистински сигнал. Утрово дознавме дека владата на САД очигледно одлучила поинаку. Повторно, веруваме дека ова е погрешна одлука. Во моментов има проблем со цената, но тоа не е проблем со снабдување. Во тој поглед, би сакал да знам кои други мотиви стојат зад оваа одлука на владата на САД“, реагираше германскиот канцелар, Фридрих Мерц.

Зголемувањето на цената на барел нафта е предизвикано од блокадата на трансферот на нафта преку Ормутскиот теснец, но и нападите против нафтените танкери кои се обидуваат да минат низ оваа витална рута. Досега најмалку девет комерцијални бродови биле нападнати, а пет нафтени танкери биле погодени со проектили, запалени и екипажите морале да се евакуираат.

Американскиот министер за финансии најави дека воената морнарица на САД ќе ги придружува танкерите на нивниот пат, но штом за тоа ќе биле создадени услови.

„Јас верувам дека штом ќе биде воено можно, воената морнарица на САД и можеби заедно со меѓународна коалиција ќе придружува бродови низ теснецот. Имаме целосна контрола на небото и ги уништуваме нивните… Тие веќе немаат воздушни сили, морнарицата е потоната, буквално и фигуративно, а фабриките за муниција, капацитетите за обновување на ракетите се целосно деградирани. Штом ќе биде можно да се обезбеди безбеден премин, ќе го направиме тоа“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.

Иранските власти тврдат дека некои бродови и сега минуваат низ теснецот, како нафтени танкери од Кина, но тој сообраќај се координира со официјален Техеран.

Во главниот град на Иран, но и други поголеми градови во државата денеска се празнува Ал Кудс (денот на Ерусалим), односно меѓународниот ден за поддршка на Палестинците, кој секогаш се одбележува во последниот петок од светиот месец Рамазан.

Десетици илјади луѓе со развиорени ирански знамиња маршираа низ улиците на Техеран, а ниту експлозиите кои се гледаа во нивна близина не го намалија интензитетот на скандирањата – „Смрт на Израел“ и „Смрт на Америка“.

Истовремено, американската војска потврди и дека четири лица, членови на екипажот на еден авион за полнење гориво во воздух, ги загубиле животите во инцидент кој се случил во западен Ирак.

Никола Илиевски