Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

САД и Украина го потпишаа договорот за ретки минерали

/

пред 535 дена

Сподели преку :

По неколку месечни преговори САД и Украина го потпишаа договор за ретки минерали. На Вашингтон договорот ќе му овозможи пристап до природните ресурси на Украина, а за возврат земјата ќе добие американска поддршка во војната со Русија.

Двете страни ги открија само основни детали за структурата на договорот, кој го нарекоа Фонд за реинвестирање на САД и Украина. Скот Бесент, американскиот секретар за финансии истакна дека договорот за минерали е истиот и досега не е менуван од страна на САД, додека Украинците одлучиле да направат дополнителни промени во последен момент.

„Ништо не е отстрането.Тоа е истиот договор за кој се согласивме за време на викендот. Нема промени од наша страна“ изјави Скот Бесент, американскиот секретар за финансии.

САД бараа пристап до наоѓалишта на повеќе од 20 суровини кои се сметаат за стратешки за реализирање на нивните интереси, вклучувајќи ја и нафтата и природниот гас. Според американскиот претседател Доналд Трамп ретките минерали се потребни со цел Америка да биде финансиски безбедна и заштитена.

„Па реков, сакаме нешто за возврат за нашите напори надвор од она што би помислиле дека би било прифатливо, и рековме дека ретките метали се многу добри ретки минерали, како што знаете, постојано бараме ретки минерали, тие се нарекуваат ретки минерали со причина, а тие (Украина) имаат многу. Ние направивме договор каде што нашите пари се безбедни и каде ќе можеме да почнеме да копаме и да правиме тоа што треба да се прави“ изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украина го потврди потпишувањето, а граѓаните на Киев се надеваат дека договорот ќе помогне за побрз крај на војната која трае повеќе од 3 години.

„Американските компании ќе дојдат во Украина, а тоа би можело да го запре нашиот луд сосед. На што друго можеме да сметаме?“ вели жителка на Киев.

„Првата верзија на договорот беше ужасна за нас. Од она што го видов, новата верзија изгледа покорисна за мојата земја. И се надевам дека со овој договор нè очекува подобра иднина“ рече жител на Киев.

Два месеци претходно, Зеленски беше во посета на Белата Куќа каде беше предвидено да се склучи договорот за ретки минерали. Тогаш разговорите во Овалната соба ескалираа. Позитивниот епилог на потпишувањето на договорот дојде откако Зеленски и Трамп се сретнаа очи-во-очи на погребот на Папата Франциск минатата недела во Ватикан.

Украинскиот заменик министер за економија на почетокот на годината изјави дека Украина ги подготвува договорите за експлоатација на ретките минерали со САД, Велика Британија, Франција и Италија. Вредноста на предвидените спогодби се проценува со вкупен инвестициски потенцијал во износ меѓу 12 и 15 милијарди долари до 2033 година, а според геолошката служба станува збор за 100 локации за лиценцирање и развој.

Теа Димковска