Американскиот претседател, Доналд Трамп, наредил напади врз Венецуела, вклучувајќи го и главниот град Каракас и воени цели на други места, американски официјални претставници му потврдиле на телевизискиот канал CBS.
Силни експлозии го потресоа утринава главниот град на оваа јужно-американска држава а на социјалните медиуми се објавија видеа од детонациите во Каракас.
Владата на Венецуела ја осуди и отфрли воената агресија од САД а Претседателот Николас Мадуро прогласи и вонредна состојба.
Нападите на САД врз оваа јужно американска држава следувааат по повеќенеделните тензии, откако Трамп го зголемуваше притисокот врз претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
Американскиот лидер, кој своите верни поддржувачи упорно ги убедуваше дека е најмирољубивиот претседател во историјата на САД и се фалеше, најчесто без никаква потврда во реалноста, колку војни во светот завршил, најпрвин нареди воздушни напади против чамци со кои наводно се пренесувал фентанил низ водите во Венецуела.
Оваа пракса на американската војска се прошири и на источните Кариби, во Пацификот и на други локации – вкупно 110 луѓе досега биле убиени.
Сите анализи на американските истражни органи минатиот период посочуваа дека смртоносните дроги во САД , во најголем дел доаѓаат преку Мексико и картелот Синалоа.
Минатиот период, американските сили конфискуваа и два санкционирани нафтени танкери а во текот на божикните празници, Трамп навести и дека бил извршен прв напад на цели на земја во Венецуела.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, го обвинуваше Трамп дека тој единствено е заинтересиран за контрола на нафтата во оваа јужно-американска држава, која има огромни резерви од овој енергенс.
Според проценките, Венецуела ги има најголемите резерви на сирова нафта во светот, кои се проценуваат на 303 милијарди барели, речиси повеќе од резервите на Саудиска Арабија и САД заедно, според податоците на ОПЕК.











