Се интензивираат битките меѓу украинската и руската војска. Соборен руски дрон во Одеса предизвика пожар во деловна зграда при што загинаа три лица. Војската на Украина соопшти дека над црноморското пристаниште пресретнала девет беспилотни летала. Во Дњепарскиот регион армијата под команда на Москва испрати дронови познати како „Шахид“ кои удрија во станбен објект. Осум лица се повредени.
Дроновите погодија станбена зграда со девет ката. Како резултат на експлозијата беа уништени два стана на последниот кат, еден на осмиот и еден на седмиот. Неколку луѓе се затрупани под урнатините. Во тек е спасувачка операција, изјави Андри Кулбах, заменик-шеф на администрацијата на Дњепарскиот регион.
И додека во Украина се водат жестоки битки со големи жртви и загуби на двете страни и по две години од почетокот на руската инвазија, Русија денеска со почести го одбележува Денот на бранителите на татковината. Лидерот на земјата Путин ѝ честиташе на војската за храброста и истрајноста.
Руските војници и офицери достоинствено ги продолжуваат нашите величествени воени традиции. Во првите борбени редови денес се учесниците во специјалната воена операција. Вие се борите за вистината и правдата, покажувате храброст и смелост во одбраната на Русија. Вие сте нашите вистински народни херои, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Пред втората годишнина од руската инвазија на Украина, Вашингтон реши да воведе нови санкции против Москва. Заменик-секретарот за финансии на САД, Воли Адејемо нагласи дека 500 цели ќе бидат предмет на казнените мерки, вклучувајќи компании и воено-индустриски комплекси.
САД и нивните сојузници се обидуваат да го задржат притисокот врз Русија, и покрај сомнежите околу тоа дали американскиот Конгрес ќе одобри дополнителна помош за Киев. Администрацијата на претседателот Џо Бајден ги исцрпи парите кои претходно беа одобрени за Украина, а барањето за дополнителни средства е во застој во Претставничкиот дом под контрола на републиканците.
Серијата санкции против Москва објавени од Соединетите Држави и нивните сојузници почна по руската инвазија на Украина во 2022 година, во која до сега загинаа десетици илјади луѓе.
Маја Стојаноска-Филдишев











