Опозициската партија СДСМ најави дека повторно ќе го поднесе предлог-законот за зголемување на минималната плата на 500 евра, откако синдикатите повторно го актуелизираа ова барање.
Од партијата велат дека мерката е неопходна за подобрување на животниот стандард на многу семејства.
„Веќе еднаш ги поднесовме измените, но ВМРО-ДПМНЕ ги одби. Нема да се откажеме – повторно ќе го поднесеме законот и ќе видиме кој ќе гласа за народот, а кој против“, велат од СДСМ, посочувајќи дека остануваат гласот на работниците.
Од партијата ја обвинија актуелната власт за неспособност да ги подобри економските услови во земјата, дека нема план и не ги слуша синдикалните барања за повисоки плати.
Претходно, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, достави официјално барање до Собранието за итно покачување на минималната плата, оценувајќи го тоа како оправдано и неопходно.











