Битола одбележа 83 години од депортацијата на над 3.000 битолски Евреи во логорот на смртта Треблинка за време на Втората светска војна.
Претставници на Еврејската заедница од Македонија и Србија, како и делегации од Владата, Собранието, Општина Битола и Советот, Сојузот на борци и други организации, положија цвеќе на споменикот „Камена Менора“ пред Здравствениот дом во Битола.
Со ова одбележување беше испратена порака – да не се заборави трагедијата и никогаш да не се повтори.
- Негувањето на културата на сеќавање е нешто што нам ни е неопходно. Порано ние на Балканот често зборувавме дека сме страдалнички народи и дека треба да ја негуваме културата на сеќавање, за таквите трагедии никогаш повеќе да не му се повторат на ниту еден народ. Но, во поново време гледаме дека историјата се повторува. Како што велат, паметниот учи од туѓите грешки, но ние, ни од своите не научивме ништо – Ладислав Трајер, претседател на Еврејската општина Нови Сад.











