Се трага по 16-годишно девојче кое исчезнало во реката Вардар кај Градско. Како што соопшти Центарот за управување со кризи, случајот го пријавила сестрата на девојчето во 16:42 часот на бројот за итни повици. Таа пријавила за две потонати женски лица, на возраст од 16 и 26 години, во реката Вардар, во близина на селото Уланци, општина Градско.
Доктор од Итната помош Велес ја потврдил информацијата и побарал ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода. По пријавата, Центарот за управување со кризи ги известил МВР, Оперативниот центар на Генералштабот и Дирекцијата за заштита и спасување со барање итно да ангажираат тимови за потрага и спасување на вода.
Според последните информации од терен, на локацијата е присутна екипа на МВР со чамец, а 26-годишната жена е пронајдена жива. Потрагата по 16-годишното девојче продолжува.











