Членовите на Советот на Европската Унија (ЕУ) и Европскиот парламент постигнаа договор за постепено воведување на системот за влез/излез, што ќе овозможи конечно укинување на ставањето печати во пасошите. Овој договор треба формално да биде потврден од двете законодавни институции. Потоа, Европската Комисијата треба да донесе посебна одлука, а транзицискиот период ќе трае шест месеци.
Предвидено е преку овој систем да се евидентираат информации за датумот, времето и местото на влез и излез на државјани кои не се членки на ЕУ, а ги преминуваат границите на блокот, со што дефинитивно се укинува ставањето печат на пасошите. Автоматски ќе го пресмета времетраењето на дозволениот престој на државјаните на трети земји и ќе издаде предупредувања до земјите- членки на ЕУ за истекот на периодот за дозволен престој.
Имплементацијата на овој електронски систем беше планирана во ноември минатата година, но беше одложена бидејќи дел од земјите не беа подготвени. Затоа, Комисијата предложи постепено да се започне со имплементација на системот.
Ова се однесува на лица на кои им е потребна виза за краток престој и на оние кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ кои се ослободени од барањето за виза.











