Коалиционите партнери во власта не се препукуваат на владини седници како што го прават тоа преку телевизиски емисии, тврди премиерот, коментирајќи ги затегнатите односи меѓу Алијанса за Албанците и ДУИ. Острите пораки што си ги упатуваат, за него се партиска реторика.
Министерот за информатичко општество, Азир Алиу, деновиве им порача на ДУИ да се „апдејтираат“ и да одат во опозиција, додека неговиот партиски лидер, Арбен Таравари, беше уште поостар и ги нарече „рак на општеството“.
Премиерот сепак, верува дека овие отровни стрели нема да ја нарушат идејата за заеднички настап на изборите како „Европски фронт„. Што се однесува до датумот, повтори дека мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието. Опозицијата инсистира на датум меѓу Велигден и Бајрам, но тој тврди дека изборите ќе бидат редовни.
Работните групи треба да ги иницира Собранието, а разговорите би требало да почнат во наредните недели. Кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение ќе почнат и роковите, како и организацијата на изборите.
Далиборка Демјанска











