По три часа застој во разговорите на лидерите на Европската Унија (ЕУ) за почеток на преговори за членство на Украина во Унијата, германскиот канцелар Олаф Шолц му предложил на унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја напуштат просторијата со зборовите „Можеби да испиете кафе надвор“, со цел да продолжи дебатата.
Шолц го изнел таквиот предлог за Орбан пред насобраните колеги на самитот на ЕУ, по што унгарскиот премиер ја напушти салата, отворајќи пат за историската одлука на Унијата да отвори преговори со Украина, пренесува „Политико“.
Германскиот канцелар истакна дека отсуството на Орбан им овозможило на останатите 26 земји членки на Унијата да го одобрат патот за придружување на Украина во блокот, за што е потребна едногласност, а правилата на ЕУ говорат дека е запазена дури и во отсуство на еден лидер.











