Трендовите се менуваат, поинакви се, последните четири-пет години на Македонска берза континуирано се зголемува структурното учество на домашните физички лица во тргување на берзата, нагласи Иван Штериев, директор на Македонска берза, во вечерашната дебата во Топ тема на ТВ Телма.
„Околу две третини од куповниот промет и оваа година се домашни физички лица. И ние сме берза, во регионот доста специфична, која во основа е придвижувана од домашни физички лица. Тоа има добри аспекти, очигледно се зголемува финансиската писменост, повеќе луѓе учествуваат во тргувањето на берзата. Секако не се тоа огромни бројки, станува збор за бројки во илјади, не во десетици илјади, и тука работите може да се подобрат. Од друга страна, учеството на физички лица, тие се малку посензитивни, посклони на брзи одлуки, итн. Што се однесува со возрасната структура кај домашните физички лица, тука главно се повозрасни инвеститори според податоци од централниот депозитар од пред некоја година. Некаде околу 80 проценти од вкупните купувања во одреден временски период наназад се луѓе над 50-годишна возраст“, вели Штериев.











