Малку пари за превенција на болести и здравствени услуги не секому достапни. Македонија сѐ уште се соочува со овие проблеми.
Невладините апелираат, а надлежните во потрага по решенија.
Од граѓанската организација „Заедно посилни“ нотираат дека расте бројот на лица со ХИВ во земјава.
Голем е процентот и на оние кои сѐ уште не се дијагностицирани. Драстично се намалени средствата за превентивни активности.
„Националната програма за ХИВ во последните седум години приближно се движи помеѓу 90 и 100 милиони денари на годишно ниво. И ако пред седум години едвај околу 40% од тој износ биле наменети за лекување, за оваа година 80% се наменети за лекување. А, остатокот е онаа намалена превенција. Во 2018 година на почетокот имало само околу 200 пациенти со ХИВ коишто се лекувале, а оваа година има околу 430 и се разбира дека тој број ќе продолжи да расте. Значи, превенцијата е драстично намалена.“изјави Андреј Сених – Граѓанска организација „Заедно посилни“
Во Македонија има пакет-услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, но мора да се работи повеќе на достапноста на здравствените услуги.
Oва е усогласен став Фондот за население на Обединетите нации и Светската здравствена организација.
Потребни се повеќе пари, но и да бидат насочени на вистинска адреса, вели шефицата на канцеларијата на УНФПА во земјава.
„Средствата треба да се насочат таму каде што треба и да се димензионираат согласно потребите. Значи повеќе да работиме на превенција, а помалку да работиме на третман. Голем дел од овие услуги всушност ги врши државата, здравствениот систем ги прави. Невладините организации секогаш имаат улога и треба да се вклучат за одредени типови на услуги коишто можат да бидат пренесени на невладините организации, зависно од нивните капацитети и нивните квалификации.“ изјави Афродита Шаља – Шефица на Канцеларијата на УНФПА во Македонија
Здравствениот систем се соочува и со недостаток на превентивни програми и скрининг и за други болести.
За скрининг за рак на грлото на матката има пари за помалку од 30 проценти од жените во Македонија, а опфатот со Програмата за скрининг за рак на дојка е само 1% од жените.
Петар Догов











