Сува кашлица, солзење и чешање на очите, со повремени главоболки се најчестите симптоми на кои се жалат граѓаните и кои особено се интензивираат по пожарите на депониите Дрисла и Вардариште. За професор Чибишев сето ова е доказ дека станува збор за екстремно загадување на целата територија на главниот град.
„Граѓаните на Скопје, вклучувајќи ме и мене и Вас кои сме жители на градот Скопје во изминативе неколку дена живееме во гасна комора. Ако јас кој живеам во Порта Влае кое е добри десетина километри оддалечено од Вардариште и 30-ина километри оддалечено од Дрисла… низ целиот ден, особено навечер по заоѓање на сонцето во ноќните часови се чувствува еден одвратен непријатен мирис кој што иритира“, појасни проф. д-р Андон Чибишев, Универзитетска клиника за токсикологија.
Вака изгледаше Скопје во раните утрински часови. За разлика од лекарите кои во континуитет деновиве советуваат граѓаните да бидат особено внимателни, министерот за здравство вчера ја даде следнава изјава:
„Ве уверувам дека досега мирисот знаеме дека се чувствува и е непријатен, но како и да е воздухот во моментот не е на ниво на загаденост кое што предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Сепак препорачувам граѓаните да не се движат надвор на отворен простор, ако тоа не е неопходно“ уверуваше Азир Алиу, министер за здравство.
Возрасните, хронично болните и бремените жени треба да бидат многу внимателни и особено децата и младите до 20 години. Загадениот воздух директно ги загрозува дишните патишта, срцевиот мускул и видот кај децата. Дали сме свесни што се вдишуваме?
„И на крајот тешки метали како жива, олово, кадмиум, арсен итн се депонираат во коскената с’рж и таму депонирани некои од нив може да останат многу долго време дури повеќе и од 30 години и при тоа го пореметуваат процесот на зреење на крвните клетки. Пореметување на целата крвна лоза од анемии до леукемии“, рече проф. д-р Андон Чибишев, Универзитетска клиника за токсикологија.
Чибишев со апел до државните институции.
„Ги повикувам уште еднаш државните институции да им ги одземат ингеренциите на градските органи кои што во моментов се надлежни за овие две депонии затоа што очигледно тие не знаат или не можат да се справат со овој проблем“, изјави проф. д-р Андон Чибишев, Универзитетска клиника за токсикологија.
Граѓаните што помалку да престојуваат во надворешна средина и доколку мораат тоа да биде со маска со посилна заштита, за прочистувачите на воздух е пожелно да функционираат на максимум. Љубителите на спортот да ги избегнат своите активности на кејот на Вардар затоа што таму мислам дека е најзагадено, вели професор Чибишев.
Нина Стефанова











