Еврообврзницата со која следната година ќе се задолжиме за нова една милијарда евра ќе биде поделена на два дела од по 500 милиони евра, со различен рок на доспевање. Ова го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерката уверува дека целта на издавањето на еврообврзницата во два дела, во различен временски период, е да се одржи стабилноста на јавните финансии на долг рок и да се обезбеди ликвидност за сервисирање на обврските што доспеваат. Во моментов сè уште траат анализите за рочноста на еврообврзницата која би се издала во првиот квартал од идната година.
Министерката Кочоска смета дека со овој модел се зголемува атрактивноста кај инвеститорите за еврообврзници поголеми од 500 милиони евра, бидејќи со нив може да се тргува на секундарниот пазар.
Средствата од еврообврзницата ќе се искористат за враќање на еврообврзница издадена во 2020 година, во износ од 700 милиони евра, која доспева за отплата во 2026 година.











