Трагите од крв сè уште се видливи, нем сведок на фаталниот удар по кој животот го загуби маж прегазен од автомобил кој го управувала 40-годишна жена. Неколку часа по несреќата, таа била уапсена. За жителите, улицата одамна не е обична сообраќајница, туку црна точка каде смртта демне секоја ноќ.
„Овде се вози преку 100 км. може и 120 км. навечер. Стварно ми е жал што човекот го загуби животот, но може да има уште жртви доколку МВР не ги преземе овие работи овде и градоначалникот Александар, овој дел горе се залетуваат, да има легнат полицаец, да има знак стоп, до килимари, ние ќе бидеме безбедни“, вели жител.
„Мислам дека треба да стават легнати полицајци, би било многу побезбедно за децата како прво, а после и за сите останати. Моментално е небезбеден сообраќајот“, вели жител.
Но, проблемот не е од вчера. Жителите со години предупредуваат, а институциите молчат. Благоја раскажува за сцени кои за малку не завршиле со трагедија.
„Пред една година мотори летаа во дворовите, горе исто во куќа му влегле со кола. Овде се преврте на кров, среќа што на автобуска постојка немаше народ тука. Баш пред станицата се преврте автомобилот тука на кров. Да имаше народ ќе беше масакр“, вели Благоја Јоксимовиќ, жител на село Волково.
Од Општина Ѓорче Петров велат дека главната улица е во надлежност на Градот Скопје, но уверуваат дека ќе преземат мерки кои се во нивна надлежност за зголемување на безбедноста. Иако индивидуалната одговорност на возачите е неспорна, податоците на МВР се загрижувачки, пешаците се меѓу најранливите учесници во сообраќајот, особено во населени места без соодветна инфраструктура. Од МВР велат дека со проектот „Безбеден град“ бројот на повредени е намален за 20 проценти. Но за жителите прашањето останува, дали ќе се реагира пред да загине уште некој, или повторно по трагедија?
Симона Петровска











