Со долги списоци и полупразни ќесиња се враќаат граѓаните од празничните купувања пред големиот христијански празник Велигден. По улиците, продавниците и пазарите има врвици народ, се завршуваат последните пазарења, но, струмичани велат, секој ќе пазари онолку колку што ќе му дозволи паричникот.
Продавачите на зелените пазари пак, велат, не ги зголемувале цените на производите. Она што најчесто го нудат, зеленчук и домашни производи се продава како и претходните години. Во нивните изјави има и доза револт, бидејќи, велат цените се зголемуваат кај трговците и препродавачите.
Најголем трошок е купувањето месо. Во просек килограм јагнешко месо чини околу 500 до 600 денари, а килограм свинско помеѓу 350 и 450 денари.
До 30 април важи мерката на Владата за ограничување на бруто-профитната маржа на 102 групи на основни прехранбени производи, а замрзнати се цените на 8 групи на основни прехранбени производи.
Сузана Мицева











