Со изведбата на театарската претстава „Девојчиња“ од Србија, во режија на Милена Богавец на сцената на Македонскиот народен театар започнува првиот регионален феминистички фестивал под мотото „Еден свет, една борба“. Во рамките овој тридневен фестивал чиј домаќин е Македонија регионални и европски уметници ќе говорат за родовата еднаквост, феминизмот, солидарноста и социјалната правда.
Феминизмот е борба, но и визија за свет без дискриминацијa, насилство и нееднаквости. Дискусијата за родовите аспекти, слободата на изразување и правото да се биде различен се нешта за кои треба да се разговара уште во најрана возраст со децата, за да не сведочиме на нешта на кои за жал сведочиме денес, вели Старова.
- За прв пат се организира феминистички регионален уметнички фестивал и идејата за овој фестивал произлезе од честите разговори во регионалните феминистички групи, најмногу во Феминистичката антифашистичка мрежа која е основана пред две години. И секогаш се провлекува клучното прашање што навистина значи феминизмот денеска и како феминизмот се справува со новите модерни форми на фашизам. Особено сведоци сме на нови, се почести форми на фемицид, не само кај нас туку и во регионот како најтешка форма на родово базирано насилство- Нита Старова, програмска менаџерка во Фондација Фридрих Еберт.
Самата програма на овој фестивал е конципирана за различни возрасти кои низ театарската уметност, музиката, сликарството и поезијата на еден креативен начин ќе ги загатнат мноштвото предрасуди врзани за родовата еднаквост. Кои се најчестите примери на стереотипи кои се провлекуваат во континуитет и кои резултираат со нефункционалност на самите институциите и жртви на систем кој не функционира за да ги заштити жртвите?
- Тоа се само последиците од оние традиционално поставени улоги на маж и жена во патријархално општество од кое што не можеме да се ослободиме и кои се подеднакво проблем и за мажите и за жените. Дискусии и разговори на таа тема, токму на улогата на мажот и на жената е основата од каде треба да се појде и каде што се поставени најголемите стереотипи. Понатаму веќе улогата на жртва и самиот фемицид, покажување на моќ, надмоќ и реакциите на институциите се само производ на она на кое што треба да се работи- основата на улогите на мажите и на жените во едно општество, рече Старова.
Во рамки на тридневниот феминистички фестивал чиј домаќин е Скопје ќе настапат регионални и европски уметници кои уште еднаш ќе потсетат дека феминизмот не е закана, ниту пак борба за моќ, туку повисока свест за солидарност и еднаквост, додава Старова.
Нина Стефанова











