Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Со новите законски измени за студентски стандард се намалуваат стипендии за социјални категории и се зголемуваат трошоците за сместување во студентските домови

/

пред 139 дена

Сподели преку :

Група пратенички од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието предложија измени по скратена постапка на Законот за студентски стандард, кој го поминаа првото читање. Со измените се воведува нова поделба на студентските домови и се менува моделот на државно финансирање за сместување и стипендии. Студентските домови се препознаваат како два типа, при што се прави разлика меѓу реконструирани и постојни домови, кадешто во реновираните домови студентите ќе плаќаат повисока, додека во постојните пониска цена за престој. Воедно, се редефинира и системот на стипендии, при што се намалува бројот на стипендии за студенти од социјални категории од 49 на 40 проценти.

Законски измени за студентските домови 

Во законски измени се воведува поделба на студентски домови. Сега тие ќе се препознаат од „Тип 1“ како енергетски ефикасен студентски дом: дом кој ги исполнува нормативите и стандардите на кој е извршена реконструкција“ и „Тип 2“ – постоечки студентски дом“.  Со ова првпат формално се прави разлика меѓу реконструираните домови и постојните објекти.

Токму кај финансирањето се отвора најголемата дебата. Досега Министерството покриваше до 50% од цената за сместување и исхрана за студентите во државните домови. Со новите измени тоа се менува односно Министерството за студентите кои се сместени во државен студентски дом од Тип 1 партиципира до 40% додека за студентите во дом од Тип 2 до 50%. Практично, тоа значи дека студентите сместени во реконструираните и енергетски ефикасни домови ќе плаќаат поголеми трошоци.  Дополнително, законот не предвидува ограничување на цената во реконструираните домови. Наместо тоа, се наведува дека цената ќе се утврдува врз основа на „реалните трошоци“.

Една од најзначајните промени е бришењето на одредбите воведени за време на Ковид кризата. Досегашниот закон предвидуваше студентите кои не добиле место во дом да можат да добијат до 6.000 денари месечно за приватно сместување или превоз, односно ставката за меѓуградски превоз кој досега требаше да се спроведува, а не се спроведуваше веќе нема да постои. Дополнително ова се случува и во време кога дел од студентските домови веќе се реконструираат, а капацитетите за сместување се намалени. Иако законот предвидува можност студентите привремено да бидат сместени во други објекти, не постои јасна обврска тоа задолжително да се обезбеди.

Законски измени во делот на стипендиите 

Измените носат и нов начин на распределба на студентските стипендии. Според предложените измени „40% се за студенти од социјалните категории и студенти со попреченост и ретки болести, 35% се за студенти кои се запишани на студиски програми кои се од стратешки интерес за државата и 25% се за студенти кои постигнале особен успех во учењето.“ Позитивно е што првпат експлицитно се вклучуваат студенти со ретки болести и попреченост. Но, истовремено се намалува уделот на стипендии за социјално ранливите категории. Во постојниот закон тие изнесуваат 49%. Дополнително, законот не дефинира што точно значи „стратешки интерес за државата“, што остава простор Владата дополнително да утврдува кои студиски програми ќе бидат фаворизирани.

Во образложението предлагачите наведуваат дека измените на овој закон не предизвикуваат фискални импликации врз Буџетот, па оттука се отвора прашањето дали се намалува државната партиципација и постепено финансискиот товар се пренесува на грбот на студентите.

Теа Димковска