Ново трговско друштво во сопственост на Општина Тетово ќе тргува и произведува електрична енергија, со цел намалување на трошоците. Ќе се набавуваат тајмери за рестрикции на уличното осветлување, но ќе се интегрираат и фотоволтаични панели. Предлог-Одлуката за формирање на „Електро Тетова“ ДООЕЛ помина на Совет, но допрва ќе се изготвува физибилити студија.
Од формирањето на ова претпријатие, ние ќе ангажираме луѓе што ќе бидат на располагање на сите потреби на граѓаните. Ќе направиме рестрикции во потрошувачката на електрична енергија. Сега само се формира претпријатието, како што треба по закон и да го поминеме во Централен регистар, потоа ќе направиме физибилити студија, колку ќе има вработени, колку ќе троши, изјави Бесар Дурмиши, претседател на Советот на Општина Тетово.
Опозицијата гласаше против одлуката за формирање на трговското друштво. Велат дека до советниците не била доставена детална програма како ќе функционира и кој ќе има бенефит.
Конкретно ништо не добивме како податок, не добивме каква структура ќе има претпријатието, со што ќе се занимава, од каде ќе набавува, колку од сето тоа што ќе го презентира ќе добијат бенефит граѓаните на градот Тетово, вели советникот од СДСМ, Глигоријe Стојановски.
Општината има долг за јавно осветлување од 37 милиони денари, а добива и пет пати повисоки сметки за електрична енергија.
Данијела Билбилоска
https://youtu.be/yGbSUcm6bbw











