Самата најава на директорот на АНБ неодамна на Фејсбук, дека ова ќе биде последниот роденден на Агенцијата за национална безбедност, укажува на фактот дека ќе се оди кон укинување на службите односно кон спојување и формирање на нова служба, истакна во вечерашната емисија Вин Вин, пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
- Сега никој не го бара тоа од Македонија, затоа што претходно се направи реформата, сега дополнително низ овој процес повторно се праќа пораката на сите вработени и во АНБ и во АР или ќе се построите во текот на реформата или ќе имате проблеми во однос на селектирањето кое што ќе се прави во новата агенција и се создава една неизвесност наместо да се работи, наместо тие луѓе да се ангажираат и да работат за државата тие повеќе ќе мислат каде ќе биде нивниот статус во наредниот период, рече тој.
Спасовски истакна дека што и да се понуди како предлог, тој предлог мора да биде сериозно разгледан да се вклучи научната и стручната јавност, невладиниот сектор, да имаме инклузивност во целиот овој процес.
- Дали така ќе биде? Според ова до сега што ни се случува нема да биде, туку напротив ќе се оди на носење на законски решенија на брза лента за да се формираат институциите кои што очигледно сакаат да биде по мерка на оваа владеачка гарнитура, рече Спасовски.











