Протестите во Србија ја дадоа најкрупната политичка жртва. Оставка поднесе премиерот Милош Вучевиќ, одлука за која нагласи дека е неотповиклива. Синоќешниот инцидент во Нови Сад, во кој се нападнати студенти и повредена е една студентка, само ја прелила чашата за него во, како што рече, и онака поделеното и поларизирано српско општество. За оставката, како што рече, го информирал и претседателот Вучиќ кој ја прифатил неговата одлука и аргументите за неа. Повика на смирување на страстите, пронаоѓање и процесирање на сторителите на последниот инцидент во Нови Сад, на враќање на дијалогот, а најави оставка и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
- После овој случај синоќа во Нови Сад моја неотповиклива одлука е да поднесам оставка на местото претседател на Владата на Република Србија. Утринава имав долг разговор со Претседателот на Републиката разговаравме за се и за ова и тој ја прифати мојата одлука, ги прифати моите аргументи. Јас мислам дека со тоа ја покажуваме одговорноста на оние кои се избрани да бидат одговорни и тоа да не се прелева на улиците и да ги раскарува граѓаните, понатамошни поделби во општеството, туку политичарите да ја прифатат одговорноста и барем на тој начин да покажат дека се подготвени да доведат до смирување на тензиите, рече Вучевиќ.
Со неговата оставка престанува мандатот на целата влада и до изборот на нова, актуелната ќе извршува само технички должности. На тој начин Вучевиќ верува дека е исполнето едно од барањата на демонстрантите. Инцидентите на протестите, пак, ги опиша како подло смислено сценарио од странство кое удира на образованието.
- Некој кој тоа го смислил, а сега сум слободен да кажам дека апсолутно е смислено од странство, во тоа не се сомневам, удри на најчувствителната област на едно општество, а тоа е образованието на децата, рече Вучевиќ.
Оставката на Вучевиќ доаѓа по три месеци од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, негов роден град, која однесе 15 човечки животи, а две лица се тешко повредени. Трагедијата беше причина за масовни протести низ цела Србија. Повеќе од два месеца, студентите ги блокираат факултетите, барајќи одговорност за смртта на 15 луѓе и институциите да почнат да работат по закон. Претпладнево заврши и 24-часовната блокада на Автокоманда во Белград која мина мирно.
Оставката на Вучевиќ е нецели 24 часа по обраќањето на претседателот Александар Вучиќ кој синоќа нагласи потреба за итна реконструкција на владата и смена на повеќе од половина министри. Тој ги повика студентите и професорите на дијалог за надминување на кризната состојба во државата за која порача дека никому не одговара.
Сашко Димовски











