Српското Собрание на денешната седница ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, што ја поднесе кон крајот на јануари.
Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка на 28 јануари, по напад врз студентите во блокада во Нови Сад. Со констатирање на оставка на премиерот, владата станува техничка, а почнува рок од 30 дена за избор на нова влада.
„Нема да има преодна влада. Како претседател на Српската напредна странка, велам дека нашите пратеници нема да гласаат за преодна влада“, изјави Вучевиќ, нагласувајќи дека опозицијата подготвува „радикализација“ во обид да постигне преодна влада.
Оставката на Вучевиќ беше поднесена три месеци по пад на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, негов роден град и каде беше претходно градоначалник, која однесе 15 човечки животи. Трагедијата е причина за масовни протести низ цела Србија што се уште траат. По него оставка поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата изјави дека ако не се формира нова влада по 30 дена, откако Народното собрание ја потврди оставката на премиерот Милош Вучевиќ, парламентарните избори би можеле да се одржат на 8 јуни.











