Сабота 12 часот и пет минути, локацијата иста, ССМ па Собранието и Стопанската комора и на крајот Владата, а целта е повисоки плати. Синдикатот одново на протест за борба да се зголеми минимална плата на 600 евра и зголемување на сите работнички плати за шест илјади денари. Според нив, работниците во Македонија работат се повеќе, а заработуваат се помалку. Велат, податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека околу 160 илјади работници примаат плата под прагот на сиромаштијата.
„160 илјади работници кои директно се засегнати од зголемувањето на минималната плата доколку излезат утре на улица, минималната плата ветувам дека наредниот ден ќе биде многу повеќе од 600 евра затоа што оваа Влада не се плаши ниту од Слободан Трендафилов , ниту од ССМ, ниту од медиумите ниту од работниците. Се плаши од луѓето кои ќе излезат на улица и кои ќе покажат дека се незадоволни од ваквите лоши владини политики“, вели Слободан Трендафилов претседател на ССМ
Последните пресметки на ССМ се дека минимална синдикална кошничка е зголемена за речиси илјада денари, но дополнителен ценовен шок предизвика и војната на Блискиот исток. Па ССМ со вонредно пресметување за цените.
„Во текот на денот ќе ги знам точните информации. Колешките кои ја пресметуваат веќе се на терен, прават анализа на вредноста на цените и веројатно ќе биде зголемување на истата што ќе биде трагично за работниците“, вели Слободан Трендафилов претседател на ССМ.
Сојузот на синдикатите организираше блокада пред Владата,ги блокираа и влезовите на Собранието, а остануваат и на најавата за дваесет и четиричасовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор со цел зголемување на работничките плати. Според законското решение минималната плата ќе се зголеми за околу 1.600 денари и ќе изнесува околу 26 илјади денари што ќе биде најнизок минималец од сите држави во регионот освен Косово. Поради утрешниот протест на ССМ ќе има привремени ограничувања и пренасочувања на сообраќајот по главните улици во центарот. Од МВР апелираат граѓаните да ги следат упатствата на полициските службеници и да бидат внимателни при движење низ централното градско подрачје…
Симона Петровска











