Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

ССНМ и ЗНМ: Одбивањето на жалбата на ИРЛ од Апелациониот суд отвора сериозни прашања за заштитата на истражувачкото новинарство

/

пред 228 дена

Сподели преку :

Одбивањето на жалбата на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) од Апелациониот суд Скопје отвора сериозни прашања за заштитата на истражувачкото новинарство и слободата на изразување. ССНМ и ЗНМ порачуваат дека ваквите одлуки нема да ги обесхрабрат, туку дополнително ќе ги мотивираат да застанат зад независните медиуми и јавниот интерес.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост за судскиот притисок кон независното истражувачко новинарство, по денешната одлука на Апелациониот суд Скопје со која е одбиена жалбата на ИРЛ.

Во овој момент, според јавно достапните информации, одлуката на жалбата на ИРЛ е објавена, но образложението сè уште не е јавно соопштено и се очекува да следува во писмената пресуда.

Потсетуваме дека станува збор за предмет за клевета и навреда, во кој тужител е поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а тужени се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска, во врска со истражувачкиот документарец „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година.

Првостепената пресуда во овој случај беше донесена во 2023 година и тогаш исто така јавно реагиравме бидејќи пресудата не навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда првостепената одлука.

Во образложението на таа пресуда, која сега ја потврди и Апелација, се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност. ССНМ и ЗНМ сметаат дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство.

ССНМ и ЗНМ остануваат на ставот дека ќе продолжат да стојат зад истражувачкото новинарство и да ја следат натамошната постапка по приемот на писмената одлука, вклучително и користење на сите расположливи правни механизми пред повисоките домашни и меѓународни судски инстанци.

Укажуваме дека ЗНМ во период подолг од пет години обезбедуваше бесплатна правна поддршка, а двете организации јавно го следеа овој предмет и посочуваа на неговото значење за слободата на изразување, јавниот интерес и заштитата на истражувачкото новинарство, вклучително и во контекст на ризиците од стратешки тужби против јавно учество (СЛАПП).

Дополнително, овој случај е регистриран и квалификуван како СЛАПП случај на меѓународната Платформа за мапирање на медиумски слободи (Mapping Media Freedom / MMF), а реакции и осуда на ваквата пракса опасна за слободата на медиумите во Македонија имаа и Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари чии членки се ЗНМ и ССНМ.