Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Стоматолозите збунети, комората тврди нема констатирано неправилности

/

пред 433 дена

Сподели преку :

Стоматолозите збунети, каде ќе треба да ја продолжат својата лиценца по одлуката на Министерството за здравство да ги одземе ингеренциите на Стоматолошката комора. Дел од нив дојдоа во Комората за да се информираат за постапката.

„Да, дојдов да си поднесам барање за нова лиценца, поради сето тоа што го слушнав викендот. Ни рекоа дека немаат веќе овластувања да примаат нови документи за лиценци и дека треба да се обратиме до Министерство за здравство да нè известат како ќе тече процедурата, нели, понатаму. Ова е дополнителен терет за нас. Сега е непозната територија. Тука си доаѓаме, ова е, нели, телото што стои зад нас, така да ќе видиме“, вели стоматолог.

Претседателот на Комората, Денковски вели случувањата му се нејасни, бидејќи тие постапиле по насоките на Министерството, а имале неколку контроли при што не биле констатирани неправилности. Од една страна им е одземена лиценцата, а од друга страна тие ќе вршат стручен надзор и водат регистар, што дополнително ја комплицира целата постапка.

„Регистарот ќе остане кај нас ние ќе го водиме и врши стручен надзор. Значи 261, став 1 вика стоматолошка комора издава, продолжува и одзема лиценци за работа, тоа е одземено овластувањето, води регистар на издадени, обновени и одземени лиценци тоа продолжуваме со работа и врши стручен надзор на работата на здравствени установи и здравстевни работници и тоа имаме решение да продолжиме, не е одземена. Сега што е случува ако е тоа така би требало сега бидејќи ние регистар водиме министерството да ги издава лиценците, да побара и да ни доставува нас извештај за да може ние во регистар да внесеме. Досега ние доставувавме два пати годишно извештај за лиценци до министерот сега треба министерот на нас да ни достави“, вели Маријан Денковски, претседател на Стоматолошка комора.

Денковски смета дека министерот Алиу не е целосно информиран од неговата комисија и најави кривична пријава за нив.

„Не сметаме дека е незаконски. Тој има законско право, но сметаме дека не е во однос на доказите кои ги наведува по однос на образложението исправно и затоа ќе има судска постапка“, вели Маријан Денковски, претседател на Стоматолошка комора.

Од министерството за здравство и денеска велат дека одлуката е донесена врз основа на факти и аргументи и резултат на подолготрајна и сеопфатна анализа од повеќе стручни лица.

„Потсетуваме дека на овој процес претходеше времена мерка изречена од Уставен суд, а потоа и конечна одлука од истата институција со која се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија, а дополнително покрај времената мерка комората продолжила со континуираната едукација. Министерството за здравство за оваа цел имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на комората и во двата случаја се констатирани неправилности на кои е укажано со законски рок за отстранување на истите но во законските рокови не е постапено од страна на Стоматолошката комора“, велат од Министерството за здравство.

Пред два дена од ресорното министерство беше донесена одлука за привремено одземање на лиценцата на Стоматолошката комора, бидејќи со надзор се покажале големи пропусти и има сомнежи за финансиски злоупотреби. Во Комората влегла и Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, а за наодите сè уште нема информација. Стоматолошката комора брои околу 2.800 членови и организира обуки за одржување на лиценците.

Симона Петровска