Стотици илјади луѓе излегоа на улиците на Техеран за да присуствуваат на погребот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и други официјални луѓе кои загинаа во хеликоптерската несреќа на 19 мај, пренесува агенцијата ИРНА. Молитвата во универзитетот во Техеран ќе ја предводи иранскиот Врховен водач, ајатолахот Сајед Али Хамнеи, соопшти гувернерот на главниот град, Алиреза Фахари.
Според Фахари, главниот град е добро подготвен за одржување на „величествена“ погребна поворка.
Тридневните погребни обичаи по повод смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси почнаа вчера во Табриз, во иранската покраина Источен Азербејџан. Како што известува ИРНА, голем број на верници и ожалостени се собраа на плоштадот Шахид во Табриз. Телото на Раиси потоа беше преместено во градот Ком. Во Иран е прогласена петдневна жалост што ја објави ајатолахот Хамнеи.
Телото на Раиси утре ќе биде пренесено во градот Бирџанд, престолнина на покраината Јужен Хорасан, погребот е закажан за утревечер (четврток) во градот Машад во храмот на Имамот Реза.
Раиси, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахијан и други официјални лица загинаа во падот на хеликоптерот во 19 часот во северозападниот дел на земјата. Во несреќата загинаа и двајца телохранители, двајца пилоти и еден член на екипажот, потсетува ИРНА.











