Изградбата на староновиот струмички театар навлегува во 12 година. И покрај настојувањата да се стави во употреба до крајот на 2026, од струмичкиот музеј велат дека театарот нема да биде готов во рокот што лани го предвиде Министерството за култура и туризам.
За оваа година имаат дополнителни 196 милиони денари од ресорното министерство и со нив ќе се обидат да продолжат со завршните работи во објектот.
Значи тие се предвидени средства за за довршување на стариот театар во Струмица. Во моментов се прави измена и дополнување на основниот проект, во понеделник или вторник најдоцна се планира да се почне со активности на струмичкиот театар и се предвидува до крајот на 2027 година да биде завршен, вели директорот на НУ Завод и музеј Струмица, Бранко Ѓоргиев.
Директорот на струмичкиот музеј вели дека постојано се јавува потреба за нови интервенции бидејќи објектот се гради повеќе од една деценија, се менуваа многу изведувачи и имаше доста прекини, што остави и голем број пропусти, но и застарени технологии што ќе мора да се заменат.
Се врши пренамена затоа што основниот проект е доста стар, повеќе од 10 години. Голем дел од технологијата планирана во основниот проект е веќе застарен модел. Затоа се прават измени во тој дел. Исто така во инсталациите, греењето на објектот, сите тие делови ќе трпат промени, додаде Ѓоргиев.
Стариот струмички театар се гради од 2014 година, со проект кој првично беше предвидено да чини околу 3,5 милиони евра. По бројните перипетии околу изведбата, засега не е утврдено колку пари се потрошија и која ќе биде вредноста на проектот до завршувањето.
Објектот на стариот театар изгоре во пожат во 2001 година. Се планира во него да се смести ансамблот на народниот театар „Антон Панов“, кој функционира во склоп на Центарот за култура.
Сузана Мицева











