Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд Скопје, откако во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид. Тој е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот како и за перење пари. За поткуп немало докази, а не е утврдено и како точно се заработени, но во просторијата каде се најдени заѕиданите пари најдени се и посредни докази кои ја покажуваат врската на судијата со парите. Во куќата на Ристови во Неготино имало и ливчиња со броеви на предмети во кои бил инволвиран Ристов, а од обвинителството велат дека Ристов имал комуникации и разговори со лица за кои одлучувал.
Случајот почна да се расплетува откако обвинителството „ин флагранти“ фати адвокат и екс државен обвинител како прима мито од 20 000 евра- прва рата од побараните 100 000 евра, а со кој требало да се влијае врз судија во Апелација да го укине притворот на лице по кое се трага. Адвокатот призна вина по што Основниот кривичен суд Скопје вчера го осуди на ефективна казна затвор од 1 година и 3 месеци за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Иако парите не стигнаа директно до судијата пари обвинителството продолжи со истрагата по што на 18 јануари 2026 година во домот на родителите на судијата откри вкупно 350.000 евра за чие потекло нема доказ и не ги пријавил.
На алуминијумската фолија во која биле сокриени 350 илјади евра и заѕидани во ѕид во родната куќа во Неготино, имало траги од ДНК на сега обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов, соопштија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Во текот на истрагата обезбедивме непобијни докази дека токму обвинетиот Ѓоко Ристов е оној кои ги криел парите кои се противправно стекнат имот. Го утврдивме со вештачење на биолошки траги. Не тврдиме ниту со обвинението дека обвинетиот примил поткуп, меѓутоа можеме да тврдиме дека и во минатот имал многу практики и имаме докази за тоа кои упатуваат на трговија со влијание и коруптивни практики“ рече Искра Хаџи-Василева, обвинител во ОЈОГОКК пред неколку недели кога го образложуваше обвинението пред новинарите.
Парите во ѕид се на Ѓоко Ристов, докажано е со ДНК вештачење, тврди обвинителството











