Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Судот одреди притвор за екс-директорот на СОЗР, Пеце Мирчески – оцениле дека постои опасност од бегство и влијание врз сведоци

/

пред 623 дена

Сподели преку :

Обвинителството предложи, судот одлучи. Поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчески оди во 30-дневен притвор. Обвинителот оценил дека постои опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците, пред сѐ вработените во Службата за општи и заеднички работи кои треба да бидат испитани.

Мирчески вчера беше приведен, откако Финансиската полиција поднесе кривична пријава за неколку кривични дела. Денеска обвинителството отвори истрага под сомнение дека сторил кривично дело поткуп и проневера во службата. Второто осомничено лице кое е опфатено со истрагата е Горјан Пехчевски, сопственик на фирмата „В.И.П. сервис“, којашто соработувала со службата и која се занимава со изнајмување возила.

Кривичен го прифатил и предлогот за определување мерки за претпазливост против второосомничениот. Одземена му е патната исправа, има забрана за напуштање на живеалиштето и обврска да се јавува во Суд.

Според информациите на надлежните органи, поранешниот прв човек на СОЗР се „офајдил“ самиот, а корист имала и неговата сопруга. Поволностите си ги користел и откако бил разрешен од функцијата директор.

„Тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило „Фолксваген пасат” сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи. Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заеднички работи, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило „Фолксваген пасат”, како и уште едно возило марка Ауди Q8““, соопштија од Јавното обвинителство. 

Мирчески од државна сметка патувал на места каде што наводно имало некакви настани, но сомнежите се дека таму бил за приватни потреби и така дополнително го оштетил државниот Буџет. Прикажувал невистинити податоци, потпишувал барања за резервации во хотел, авио-билети и патни налози. Од ОЈО велат дека со тоа присвоил речиси 30.000 евра.

Според непотврдени информации, Пеце Мирчески дури и лажно се претставувал како новинар, а со себе однел пет придружници на пат во Софија, додека самиот лично се потпишал на таков документ.

Актуелниот директор на СОЗР денеска не сакаше да се впушти во коментари за тоа што го правел неговиот претходник.

„Тоа си го спроведуваат органите на прогонот односно Финансиската полиција заедно со МВР, тие спроведуваат акција. Да оставиме да видиме како ќе излезе сето ова на крај заклучно“, изјави Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи.

Мирчески се сомничи и за тоа дека додека бил директор на СОЗР му помогнал на пилот кој нема квалификации да работи како капетан-водач на воздухоплов, да добие решение за вработување токму на таа позиција.

Од октомври 2023 до јуни 2024, лицето примало плата за работната позиција и се стекнало со имотна корист од над 50.000 евра.

 Петар Догов