Вишиот скопски јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи тврди дека овој потег е обид на државниот обвинител, Љупчо Коцевски, да изврши притисок во предметот поврзан со бонусите во Специјалното јавно обвинителство.
Хајрулахи смета дека суспензијата е поврзана со неговото јавно обвинување за протекување документи од Републичкото обвинителство.
Тврди дека Коцевски, преку својата ќерка, објавил чувствителни информации за да ја оцрни неговата и работата на Вишото јавно обвинителство Скопје.
Претходно кабинетот на Коцевски потврди дека е отворена истрага против Хајрулахи за злоупотреба на службената положба и малтретирање на вработени во обвинителството.
Против него беше поднесена кривична пријава за малтретирање во вршење на службата, која ја поднеле вработени во Вишото јавно обвинителство, а истрагата е пренесена на Основното јавно обвинителство во Штип.
Хајрулахи минатиот месец, поднесе и тужба за клевета против неколку обвинители кои, според него, давале лажни изјави за мобинг по инструкција на други обвинители.











