Борбите меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах продолжија и вчера, а досега се убиени стотици луѓе и десетици илјади се раселени во Либан откако Израел почна со масовното бомбардирање пред четири дена.
По неколкумесечните прекугранични престрелки меѓу израелските сили и милицијата поддржана од Иран, која вели дека делува од солидарност со Хамас во Газа, Израел во понеделникот почна интензивна воздушна кампања со напади врз цели на Хезболах, и регионот сега е на работ на сеопфатна војна. Во тек се меѓународни напори да се преговара за прекин на огнот, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху негираше дека е договорен каков било план и вети дека ќе продолжи да го напаѓа Хезболах со „цела сила“.
Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека би било „голема грешка“ доколку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одбие примирјето предложено за Либан. Предлогот што е направен е солиден, рече тој на прес-конференцијата во Монтреал со канадскиот премиер Џастин Трудо, прецизирајќи дека предлогот е подготвен заедно со Нетанјаху и со САД.











