Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, денеска изјави дека е укинат меморандумот на Канцеларијата за менаџмент и буџет на САД (OMБ) со која беа замрзнати исплатите на федералните финансиски инструменти (заеми, сите видови на помош, грантови и дотации), но дека самото замрзнување на парите останува во сила.
Замрзнувањето беше објавено во понеделникот преку документ на ОМБ, но федералниот суд го блокира во вторникот. При примената на новата мерка на Трамп дојде и до запирање на парите за здравствено осигурување на над 70 милиони најсиромашни американци, а беше запрена и исплата и на секаква социјална помош.
-Ова не е поништување на замрзнувањето на федералните средства. Тоа е едноставно поништување на меморандумот ОМБ. Зошто? За да се стави крај на секоја конфузија создадена со судската забрана. Извршната наредба на претседателот (Доналд Трамп) за федерално финансирање останува во сила и строго ќе се спроведува, соопшти Ливит преку платформата Икс.
Пресвртот со одлуките има за цел да спречи нови судски одлуки со кои би се суспендирале документите произлезени од одлуките на Трамп. На овој начин, во сила остануваат неговите одлуки и наредби, но нема документи кои би се обжалиле или би биле суспендирани на суд.
Одлуката се однесува на федералните финансиски средства кои се трошат за американски граѓани додека не се однесува на забраната за исплата на проекти во странство меѓу кои се замрзнати и проекти во Македонија, во државниот сектор, во локалната власт, во образованието и во невладиниот сектор.
Трамп во средата изјави дека целта на привременото замрзнување на финансирањето на одредени несуштински програми е за да се обезбеди доволно време за проверка дали има случаи на измама, расипничко или неоправдано трошење на јавните пари.
Американскиот претседателот наведе и дека е запрена исплата на 1,7 милијарди долари на организации и ентитети надвор од САД.











