САД ја суспендира забраната за стопирање на помош која ја дава за програмите за медицинска и хуманитарна помош која спасува животи. Ова со потпис на американскиот државен секретар, Марко Рубио, беше објавено од Стејт департментот при што се наведува дека САД придонесуваат со околу 40% од глобалната хуманитарна помош.
Во одлуката на Рубио се наведува дека се одмрзнува финансирањето на хуманитарните програми за спасување човечки животи и се од животно значење за примателите на американската помош. Со одмрзнувањето, живот-спасувачките програми треба да продолжат со работа или да ја обноват доколку ја запрале.
Но, притоа се даваат насоки кои треба да се следат и се нагласува дека тоа е од привремен карактер и дека станува збор само за одредени одмрзнувања, со напомена дека не смеат да се прават нови договори.
Одмрзнувањето на забраната опфаќа хуманитарна помош за лекови за итни потреби од кои зависат човечки животи, медициснки услуги, храна, засолништа, егзистенцијални услуги, како и набавки и административни трошоци за ваквата помош.
Забраната не е суспендирана и понатаму важи за активности кои предвидуваат абортуси, планирање на семејство, конференции, родови програми и програми поврзани со различност, еднаквост и инклузија, трансродови хируршки операции и друга помош која не е за итни ситуации односно ситуации кога не се загрозени човечки животи.
Рубио ја крена забраната и за програмите за Миграциија и бегалци, но само за активностите кои се поврзани со медицинска и хуманитарна помош и за репатрација на граѓани од трети земји во нивната земја или во друга безбедна земја.
Одлуката за делумно одмрзнување на финансиските средства ја објави и Амбасадата на САД во Скопје со објаснување дека поради обемноста на американската хуманитарна и финансиска помош, треба да има транспарентност и одговорност при трошењето.











