47-годишна жена од Словенија загина во несреќа во хотел во Грција, а тешко повреден е нејзиниот 8-годишен син. Врз нивната соба во туристичко престојувалиште паднале карпи и ја затрпале собата.
Несреќата се случила на островот Крит. Сопругот на загинатата преживеал бидејќи бил сместен во друга соба. Семејството денеска требало да си замине по одморот во Грција.
Но, рано наутро врз престојувалиштето „Маркос студио“ кое се наоѓа на морскиот брег во гратчето Иеропетра на Крит, паднале големи карпи од ридот под кој се наоѓал семејниот хотел.
Две соби биле целосно уништени, а интервенирале околу 50 пожарникари кои успеале да го спасат 8-годишното дете и да го извлечат од урнатините. Мајката била почината.











