Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш ја отфрли идејата за создавање палестинска држава. Неговите коментари дојдоа неколку часа по телефонскиот разговор со американскиот претседател Џо Бајден, во кој американскиот лидер посочил дека Нетанјаху сепак може да ја прифати идејата.
САД веруваат дека палестинската држава заедно со Израел – позната како „решение за две држави“ – е од витално значење за долгорочна стабилност.
Ова денеска го повтори и Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој на самитот Г77 + Кина во Кампала, Уганда повика на итно решение меѓу двете држави.
Во Газа, воените операции на Израел шират огромно уништување и убивање цивили во размери без преседан за време на моето време како генерален секретар, вклучително и повеќе од 150 членови на нашиот персонал, по ужасните терористички напади од Хамас на 7 октомври. Ова е потресно и крајно неприфатливо, порача Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.
Покрај меѓународниот притисок за ставање крај на војната Нетанјаху се соочува и со незадоволството на Израелците. Илјадници граѓани излегоа на протест во Тел Авив барајќи акција од израелската влада за ослободување на заложниците.
Во овој момент, кога стоиме овде и си поставуваме прашања и не добиваме одговори, размислуваме за тоа како се одвиваат работите и изнесуваме различни мислења, Хамас продолжува да ги убива нашите луѓе. Наша морална и етичка должност е да ги вратиме сите. Тие се во опасност, вели Чен Голдштајн-Алмог, еден од заложниците на Хамас ослободен по 51 ден во заробеништво.
Меѓувреме состојбата на цивилното население од ден на ден станува се потешка без основни услови за живот, храна и вода, изложени на ниски температури. На семејствата и жителите кои се борат да добијат храна и залихи внатре во Појасот Газа, им помагаат доброволци делејќи им леб. Добротворната фондација „Атаја“ пече илјадници лебови во градот Рафах, кои потоа ги собираат во вреќи и им ги даваа на луѓето што живеат во камповите за раселување.
Лебот не е доволен за еден час. Покрај возрасни можете да видите и колку деца имаме овде. Најважно за детето е да јаде. Тие сакаат да јадат повеќе од два, три или четири пати на ден затоа што играат надвор од шаторот на сонце цел ден и се враќаат гладни, раскажува Ахмад Ал-Нашави, раселен од бегалскиот камп Магази.
Пекарата произведува 22.000 лебови дневно. Во моментов сме во процес на формирање на втора пекара за да се удвои производството и да опслужиме поголем број наши раселени луѓе во Појасот Газа, вели Ибрахим Исеафан, директор на добротворната фондација Атаја.
Газа и денеска е под жестоки воздушни напади, а израелската војска води и копнена офанзива во близина на Кан Јунис. Утрово беше објавен нов видеоматеријал во кој израелските сили велат дека е прикажан уште еден од тунелите кој Хамас ги користел за своите воени дејствија, но тврдат дека имаат докази оти во нив биле држени и дел од заложниците.
Александар Петрески











