Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата на ебола во Конго за глобална вонредна здравствена состојба. Иако бројот на заболени и смртни случаи не ги исполнуваат критериумите за да се прогласи пандемиска состојба, СЗО предупреди дека потенцијално би можело да се работи за „многу поголема епидемија“ од она што моментално се открива и пријавува, со значителен ризик од локално и регионално ширење. За актуелниот сој на ебола кој се шири, нема одобрени лекови или вакцини. Раните симптоми вклучуваат треска, болки во мускулите, замор, главоболка и болно грло, а потоа се проследени со повраќање, дијареја, осип и крварење. Најголем број инфицирани има во покраината Итури во Конго, каде се регистрирани околу 246 сомнителни случаи и 80 смртни случаи.
СЗО соопшти дека вирусот се проширил надвор од Конго, а два потврдени случаи се пријавени во соседна Уганда. Уганданските власти соопштија дека 59-годишен маж кој почина во четвртокот бил позитивен на тестот.
„Еболата се појави на ниво на заедницата без да се оди во здравствените центри. Луѓето велеа дека станува збор за магија и слични работи. Сега, кога нашите тимови ги следат случаите, сфаќаме дека првото лице се разболело кон крајот на април и починало на 24 април во Бунија, а телото било вратено во здравствената зона Мунгвалу. Враќањето на ова тело во здравствената зона Мунгвалу – која е рударска област со голема популација – предизвика ескалација на епидемијата на ебола“, рече министреот за здравство на Конго Самуел Роџер Камба Муламба, министер за здравство на Демократска Република Конго











