Повеќе од 1.300 луѓе починаа во топлотниот бран што ја зафати Европа од 21 јуни, соопшти денес Светската здравствена организација, цитирана од агенцијата Франс-прес.
- „Повеќе од 1.300 дополнителни смртни случаи се регистрирани од 21 јуни поради високите температури во Европа“, изјави генералниот директор на организацијата, Тедрос Гебрејесус, на социјалната мрежа X.
„Во моментов, 150 милиони луѓе живеат во услови на екстремна топлина, стотици починаа, училиштата се затворени, електричните мрежи се екстремно оптоварени“, додаде тој.
Голем дел од Западна Европа гори под „топлотната купола“, температурата надмина 40 степени Целзиусови на одредени места.
Властите низ Холандија преземаат дополнителни мерки на претпазливост, бидејќи луѓето се собираат на плажите и другите водни површини за да се разладат.
Училиштата и универзитетите во најпогодените места ќе останат затворени. Судските рочишта во областите со црвен аларм исто така се откажани. За итните случаи се водат постапки преку интернет. Властите ги повикуваат возачите да избегнуваат непотребни патувања.
Во меѓувреме, во Франција, службите за итни случаи и здравствените служби работат со полн капацитет поради порастот на болести поврзани со топлината, како срцеви удари, топлотен удар и дехидрација, што доведе до нагло зголемување на бројот на пациентите. Полицијата, исто така, забрани консумирање алкохол на јавни места низ Париз.
Откако започна топлотниот бран, во Франција се удавиле најмалку 55 луѓе, додека шпанските власти регистрирале 327 смртни случаи што би можеле да бидат поврзани со топлината.
- „Гледаме како се случуваат смртни случаи. Особено гледаме зголемување на активноста во одделенијата за итни случаи, зголемување на активноста во службите за итна медицинска помош и меѓу градските лекари. Се наоѓаме во точка каде што мора да продолжиме со превенцијата бидејќи таа спречува смртни случаи. Ова е важната порака, а не е и порака на ниту една изолирана личност. Ова треба да биде наша заедничка цел“ – Стефани Рист, француска министерка за здравство.











