Пропадна и новиот обид поранешната министерка за надворешни работи и градоначалничка на Тетово, Теута Арифи да биде именувана за амбасадорка на земјава во ЕУ, потврдија извори за Телма, откако веста ја објави МКД.мк. Минатиот месец пропадна обидот Арифи да биде испратена како амбасадорка во САД.
Против обидите Арифи да биде испратена како амбасадорка жестоко се противеше Алијансата за Албанците, кои сметаат дека на тој начин ДУИ сака да ја заштити со дипломатски имунитет поранешната градоначалничка на Тетово од кривичните постапки кои се водат против неа. Токму поради тоа на почетокот од месецов Алијанса за Албанците ја повика ЕУ да ја одбие акредитацијата на Арифи за амбасадор.
ЕУ никогаш не смее да се користи како штит од страна на корумпираните. Затоа ја повикуваме ЕУ да ја одбие акредитацијата на Теута Арифи. Такво нешто е можно, како што докажаа САД во случајот со Фрчкоски. Сега на ред е ЕУ да докаже дека нема место за корумпираните во Брисел, соопштија тогаш од партијата.
Министерството за надворешни работи како шпекулации ги оцени информациите што ги објавија одредени медиуми дека не било прифатено барањето за агреман за амбасадор на нашата земја во Европската Унија, бидејќи, како што посочуваат од МНР, таков предлог воопшто не бил пратен.
Министерството за надворешни работи ги демантира шпекулациите кои се појавија во одредени медиуми дека не е прифатено барање за агреман за амбасадор на Република Северна Македонија во Брисел од причини што досега воопшто не е пратен предлог за добивање на агреман до Европската Унија, затоа што се уште нема усогласен предлог на државата за амбасадор, се вели во денешната реакција од МНР.











