Адвокатот Александар Тортевски во „Вин-Вин“ беше уште подиректен, оценувајќи дека случајот со Артан Груби личи на „наместена утакмица“.
„Ако ова беше спортски настан, публиката ќе викаше – уа, шиткачи! Ова е наместена утакмица. Проблемот е што ја наместиле многу апла“, изјави Тортевски.
Тој направи споредба со претходни случаи кога осомничени лица сами најавувале враќање во државата и биле приведувани веднаш по слетување, што според него укажува на договорени сценарија.
„Ова е игранка договорена однапред. Имало и други случаи кога лица беа во странство, најавија дека ќе слетаат и беа апсени на друг начин на аеродром. Истото се повторува“, рече адвокатот.
Тортевски го отвори и поширокото прашање за мерката притвор во Македонија, нагласувајќи дека таа често се применува несразмерно.
„Во Македонија има сигурно 1000 притвореници за многу помали дела, кои не бегале, но обвинителството им става основ за можно бегство. 90% од затворениците во Македонија не треба да се во притвор. Се лежи за ситен криминал, а кој од високите функционери одлежал за крупен криминал?“, праша Тортевски.
Според него, селективната примена на мерките и различниот третман на обвинетите создаваат чувство на неправда во јавноста и ја поткопуваат довербата во правосудниот систем.
Т.Д.











