„Министерството за внатрешни работи (МВР) во соработка со надлежното Јавно обвинителство ја заврши првата фаза од истрагата за пожарот кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани. Против 34 физички лица и три правни субјекти се поднесени кривични пријави за предизвикување општа опасност, додека едно лице е осомничено за примање поткуп“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Нагласи во овие моменти најважно од сѐ е да се покаже одговорност преку дејствување.
„Јас ја чувствувам мојата морална одговорност длабоко и искрено, но верувам дека во овие моменти е најважно да се покаже одговорност со дејствување. Затоа, останувам тука со истата решителност и посветеност, да ја водам оваа битка, ама до крај. И иднина кога ќе дојде денот мојата политичка кариера да заврши како и што почна, со љубов и лојалност кон државата, кон граѓаните и кон овие млади невини животи, со пример, доблест и чесност и верувам дека тоа ќе се препознае низ делата кои ќе ги оставиме зад себе“, нагласи Тошковски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека со завршување на истрагата ќе се разјаснат сите околности и факти за причината за пожарот, кој го предизвикал, начинот на предизвикување и со кое пиротехничко средство.
Тој ова го посочи, одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција на која објави дека за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица. Со ова, за пожарот во кој животот го загубија 59 лица, меѓу кои шест деца, вкупниот број на осомничени е 34 физички лица, откако вчера ОЈО отвори истражна постапка против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.











