Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Тошковски: „Супер Возач“ доби лиценца со помош на фамилија блиска до СДСМ

/

пред 427 дена

Сподели преку :

Фирма на ресенска фамилија блиска до СДСМ овозможила „Супер возач“ да биде единствената компанија која ги исполнила условите на конкурсот на МВР за сообраќаен испитен центар во Битола. Вака одговори министерот за внатрешни работи, Панче Тошкоски, на новинарско прашање како „Супер возач“ пред три месеци ја доби  лиценцата, а сега по контрола на МВР е утврдено дека не ги исполнува условите.

Опозициската СДСМ вчера побара од Антикорупциска и Обвинителството да го истражат случајот, но министерот вели дека и изборот на фирмата и изречената забрана за работа се законски.

„Тоа е поврзано со фамилија која е сопственик на тој полигон во Ресен, а за да се добие испитниот центар мора да има и полигон. Практично, фамилија многу блиска до СДСМ одлучила кој да го добие испитниот центар. Ние и тогаш и сега постапивме согласно закон“ изјави  Панче Тошкоски, министер за внатрешни работи. 

Сопственик на фирмата „Супер возач“ е Филип Митрески, член на Советот на Општина Кичево од ВМРО-ДПМНЕ. За да организира возачки испити во Пелагонискиот регион, компанијата мора да поседува полигони во Битола, Прилеп и Ресен. Со единствениот ресенски полигон стопанисува фирмата „Автошкола“ на Билјана Бузлевска, која го изнајмила на „Супер возач“.

Митрески не одговара на повиците на Телма, а од фирмата на Бузлевска велат дека нема да го коментираат случајот и очекуваат институционална разврска.

Од МВР информираа дека при контролата во битолскиот испитен центар е утврдено дека нема комплетна документација за потребниот стручен кадар и возила, како и дека не се водела уредна евиденција за испитите. Поради тоа е изречена забрана за работа во рок од 30 дена, во кој период фирмата мора да ги отстрани неправилностите.

Eмилија Мисирлиевски