Кинескиот автопат Кичево-Охрид незавршен, а обвинението за него во случајот Траекторија е бетонирано со контроверзните активни измени на кривичниот законик со што функционерите обвинети во случајот нема да одговараат за злоупотреба и начинот на договарање на зделката. Обвинителката Лиле Стефанова се повлече од гонење на Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски за делото злоупотреба на службената положба со образложение пред судечкиот совет дека во случајот со Груевски настапува апсолутна застареност на делото, а постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените во КЗ…
„Имајќи предвид измените во КЗ и обвинението против Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски кои се обвинети дека од 2012. до 2013. сториле кривично дело злоупотреба на службена положба од член 353 став 5 и против Никола Груевски дека во истиот период со умисла ги поттикнал да го сторат кривичното дело, а на товар му се става примање награда за противзаконито влијание, го повлекувам обвинението бидејќи настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.“ рече Стефанова во судницата
Ова е уште еден случај во низата предмети на СЈО во кој застанува гонењето на високопрофилиран криминал по измените на Кривичниот законик со кој се воведоа скратени рокови за злоупотреби на службената положба како и намалување на затворските казни… Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања… Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра. Но сега со одлука на пратениците, никој нема да одговара за овие милиони туку штетата ќе ја проголтаат граѓаните.
Миомир Серафиновиќ











