25 проценти царина за увоз на странски челик и алуминиум воведува американскиот претседател Доналд Трамп со надеж дека тие ќе им дадат на локалните производители ослободување од интензивната глобална конкуренција и ќе им овозможи да наплаќаат повисоки цени. Тој воведе слични тарифи за време на неговото прво претседателство, но потегот ги наруши односите со клучните сојузници на САД и ги зголеми трошоците за производителите кои купуваат челик и алуминиум. Предвидено е наредбите да стапат на сила на 4 март. „Ова е голема работа“, истакна американскиот претседател, на ваков начин Америка повторно ќе се збогати.
„Во суштина ставаме царина од 25%, без исклучок на целиот алуминиум и челик. Тоа значи дека ќе се отворат многу бизниси во САД. Отсега ќе се состануваме во текот на наредните четиринеделен период, можеби на неделна основа, и можеби ќе направиме неколку од нив во различно време. Ќе зборуваме за други теми како автомобили, ќе зборуваме за лекови и фармацевтски производи, ќе разговараме за чиповите и ќе направиме некои други работи додадени на тоа. Автомобилите ќе бидат голема и важна тема. И Америка ќе биде посилна од тоа што беше претходно“ изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Трамп размислува да направи исклучок за Австралија кога се во прашање царините за челик. Како што рече причината е што купуваат многу авиони, тие се прилично далеку и им требаат многу авиони“, рече Трамп.
Урсула фон дер Лајен, која е на чело на Европската комисија, нагласи дека од перспектива на ЕУ, воведувањето царини би било „незаконско“ и „економски контрапродуктивно“. Германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека „Европската унија ќе реагира обединето“ доколку САД продолжат со царините за челик и алуминиум. Во говорот пред германскиот парламент тој истакмна дека на крајот на краиштата во трговските војни секогаш плаќаат обете страни.
„Веќе ги спомнав американските тарифи што ни се закануваат, веројатно за челик и алуминиум. Ако САД не ни остават друг избор, тогаш Европската унија ќе реагира обединето. Како најголем пазар во светот, со 450 милиони граѓани, имаме моќ да го сториме тоа. Сепак, се надевам дека ќе бидеме поштедени од погрешниот пат на царинските тарифи. На карјот на краиштата, трговските војни секогаш се на сметка на просперитетот на двете страни“ изјави Олаф Шолц, германски канцелар.
Откако Трамп воведе царини за челик во 2018 година, ЕУ воведе контратарифи за мотоцикли, бурбон, путер од кикирики и фармерки произведени во САД.
Билјана Ставрова











