Пари има, ние редовно ги исплаќаме субвенциите, порача Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ по реакциите од Здружението „Фармери Југозапад“ дека државата им должи околу 100 милиони евра.
„Од моментот на носење на програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 20206 година, која се донесе на 4 февруари, заклучно со исплатите денеска кон одгледувачите на свињи, се исплатени околу 20 милиони евра“, рече Трипуновски.
Појасни дека во 2026 година, сите земјоделци кои ќе аплицираат во летниот период, кога е периодот за аплицирање, законската обврска, односно планот за исплата е до крајот на јуни во наредната година.
„Ние сега исплаќаме делови од субвенциите од 2025 година, односно пријавувањето што било во 2025 година. Затоа велам во овие 30-тина дена зад нас се исплатени околу 20 милиони евра. И тука се исплатени, на стартот на годината, лозарите кои имаат подготвителни активности во делот на лозовите насади, тука се овоштарите кои имаат подготовка, итн. Негирам дека нема пари и дека нема да се исплатат субвенции“, дециден е Трипуновски и додаде наредно за исплата е кварталот за млеко од 2025 година, тутунарите и другите категории на земјоделци.
С.Д.











