Палестинските милитантни групи претпладнево предадоа нови тројца израелски заложници во Газа во замена за ослободување на 110 палестински затвореници од Израел.
Израелската жена војник Агам Бергер им подигна рака на насобраните од сцената во Џабалија, на северот на Газа, пред да биде преземена од Меѓународниот Црвен крст и Црвената месечина.
Во друга размена во Кан Јунис, на југот на Газа, 80-годишниот Гади Мозес и 29-годишниот Арбел Јахуд, кои беа киднапирани од кибуцот Нир Оз за време на нападот на Хамас во Израел на 7 октомври во 2023 година, се прегрнаа во присуство на маскирани вооружени припадници на Исламски џихад.
Израелско официјално лице за „Ројтерс“ изјави дека ослободените заложници ќе бидат превезени во три различни болници во Израел.
Во Тел Авив почнаа да се собираат граѓани на т.н. „Плоштад на заложнциите“, централно место за протести и кампањата нивно ослободување.
Досега, во рамки на примирјето кое стапи на сила на 19 јануари, ослободени се четири израелски војници и три цивили – сите жени. За возврат, Израел ослободи 290 палестински затвореници.
Израел наведува дека во Газа моментно се наоѓаат уште 90 заложници од кои 30-тина се прогласени за мртви.











