Турскиот парламент денеска треба да гласа за прием на Шведска во НАТО по повеќе од една година одложување на одлуката, што сериозно ги затегна врските на Анкара со нејзините западни сојузници.
Доколку Турција го ратификува влезот на Шведска во НАТО, Унгарија ќе биде последната земја која сè уште не го одобрила.
Шведска и Финска аплицираа за членство во Алијансата како одговор на руската инвазија на Украина пред речиси две години.
Минатиот април Финска стана 31-ва членка НАТО пактот. Членството на Финска приближно ја удвои должината на границата на земјите на НАТО со Русија и значително ја зајакна одбраната на трите мали балтички земји кои се приклучија на алијансата по распадот на Советскиот Сојуз.
Шведска и Финска водеа политика на воено неврзување за време на конфронтацијата меѓу Москва и Вашингтон во Студената војна.
Сепак, руската инвазија врз Украина ја предизвика најголемата и најбруталната копнена битка во Европа од Втората светска војна, што ги наруши геополитичките калкулации.











