Во периодот од 1 јануари до 31 јули годинава, Управата за јавни приходи преку електронски аукции наплати над 19,4 милиони денари или приближно 314.230 евра од физички и правни лица со неплатени даночни обврски.
Продаден е недвижен имот со вкупна површина од 302 м² и 26 движни предмети, вклучувајќи возила и машини за шиење.
Поради неуспешна продажба на некои од имотите на две аукции, државата се стекна со нов имот во вкупна проценета вредност од над 33 милиони денари или 536.794 евра, меѓу кои се деловни простории, земјоделско земјиште, викендица и станови.
Во вакви случаи, долгот на должникот се намалува за 50% од вредноста на имотот што преминува во државна сопственост.
УЈП потсетува дека е-аукциите се дел од постапките за присилна наплата кои се спроведуваат кога сите други методи се исцрпени.
Од институцијата апелираат граѓаните и компаниите навремено да ги исполнуваат даночните обврски, бидејќи неплаќањето води кон камати, казни, присилна наплата и евентуално одземање на имот.











