Украина и Русија продолжија меѓусебно да се обвинуваат за соборувањето на рускиот транспортен авион кој превезувал 65 украински воени заробеници, кои требало да бидат дел од последната размена на заробеници меѓу двете страни.
Потврдувајќи го уривањето на авионот Иљушин 76, Москва соопшти дека тој превезувал украински заробеници, и ја обвини Украина дека го соборила авионот убивајќи ги сите 65 заробеници, шестте членови на екипажот и тројца припадници на руската армија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров побара свикување на Советот за безбедност на ООН поради уривањето на авионот, кое го нарече терористички чин.
Но, веднаш штом стана јасно дека во овој лет се превезувале воени заробеници за размена, украинските претставници и украинското Министерство за одбрана кои сигурно знаеле дека се подготвува размена, украинската пропаганда веднаш започна со бришење на своите бравурозни победнички извештаи, обидувајќи се измисли некакво објаснување, изјави Лавров.
Првичното соопштение на украинскиот генералштаб беше дека урнале руски авион кој транспортирал ракети за противвоздушните системи С-300. Украинското воено разузнавање соопшти дека Русија не ги известила за летот на авионот со заробениците, што било нивна обврска и досегашна пракса при претходните размени на заробеници. Ова обвинување многумина го сфаќаат како признавање дека украинската противвоздушна одбрана го соборила Иљушинот.
Украинскиот претседател Зеленски, во своето ноќно обраќање ја обвини Русија дека си игра со животите на воените заробеници и нивните семејства и побара меѓународна истрага за околностите на уривањето на авионот.
Очигледно е дека Русите си играат со животите на украинските заробеници, чувствата на нивните роднини и чувствата на целото општество. Јасно мораат да бидат утврдени сите факти. Колку што е можно, имајќи во предвид дека авионот се урна на руска територија, надвор од наша контрола. Факти е клучниот збор овде, рече зеленски.
Русите соопштија дека во исто време кога бил урнат авионот, имало и втор авион со украински заробеници кој бил пренасочен.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, одговарајќи на барањето на Зеленски, порача дека ако украинскиот претседател мислел на меѓународна истрага за злосторствата на режимот во Киев, тогаш таа е дефинитивно потребна.
Игор Трајков











